Овчеполска Праменка

Овчеполската праменка е претставник на автохтоната популација овци во Република Северна Македонија која настанала во специфични микроклиматски услови и услови на одгледување, исхрана и нега. Основни карактеристики на овчеполската праменка се: скромност во исхраната, лесна приспособливост на различни услови на одгледување, отпорност на болести и тројно производство (млеко-месо-волна). Името го добива спрема ареалот на распространување, Овче поле, висорамнина која се протега во источниот дел Р. С. Македонија. Во однос на другите праменки според големината на трупот овчеполската овца спаѓа во групата на праменки со средна големина. Живата маса на возрасните овни/овци 45 kg (34-58)/36 kg (25-48) а висината на гребенот е 64,5/61,0 cm. Карактеристично за популацијата е дека главата е делумно или целосно црно пигментирана. Темните полиња се распространети од двете страни на главата од ушните школки и основата на роговите до муцката, така што по должината на челно-носниот дел формира бела линија со неправилен облик и големина (”лисa”). Често се среќаваат ”карабаши” грла со целосно црна или темно обоена глава. Муцката и устата се секогаш пигментирани, а понекогаш и внатрешноста на усната празнина и јазикот. Роговите кај овните се добро развиени, но се среќаваат и примероци без рогови, овците се најчесто без рогови, но има и рогати единки.

Млечноста кај овчеполската овца во просек изнесува 72,49L (38,74-91,28L). Покрај големата варијација, нејзиниот потенцијал за млечност може да се процени и од податокот дека 28,9% од грлата даваат меѓу 80 и 90L млеко. Должината на лактацијата е просечно 191 ден (144-214) со максимална дневна млечност месец и пол по јагнењето. Приносот на волна кај овните/овците е 1,75/1,22kg со финост од околу 33m. Процентот на близнење изнесува 3-5%. Породната маса машките/женските јагниња изнесува 3,0/2,9kg.