Како одговор на нарушената природна рамнотежа и загрозениот биодиверзитет на растителниот и животинскиот свет, сè повеќе се наметнува потребата од заштита на природата и живеалиштата на одредени автохтони животински раси. Истовремено, се зголемува свеста кај групи ентузијасти за значењето на зачувувањето на националниот генетски потенцијал.

Во таа насока, започнаа иницијативи за заштита и одгледување на автохтоните македонски раси на овци, со фокус на овчеполската праменка. Во 2005 година беше подготвен првиот проект за нејзина заштита и одгледување. Со поддршка од Глобалниот еколошки фонд – Програма за мали грантови (GEF SGP) и експертска помош од Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, беа обезбедени и селектирани 270 јагниња за приплод, кои беа сместени во село Петралица.

Овој период го означи и почетокот на подигнување на свеста кај надлежните институции дека Македонија поседува вреден генетски потенцијал во овчарството кој мора да се заштити. Во периодот од 2008 до 2012 година беа формирани неколку одгледувалишта на овчеполската праменка, а како резултат на тие активности беше основано и Здружението за заштита на автохтони раси на овци, како формализирана и правно усогласена организација.

 

Здружението активно работи на заштита и промоција на овчеполската праменка – автохтона раса со потекло од Република Северна Македонија. Со поддршка од релевантни државни институции, научно-истражувачки и образовни установи, се спроведува Одгледувачка програма за расата, која опфаќа:

• Водење на матични книги,

• Селекција и унапредување на производните и расовите својства (генотипски и фенотипски),

• Примена на современа опрема и технологии,

• Зачувување на традиционалниот начин на одгледување во чиста крв.

Одгледувачката програма е одобрена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со важност од 2024 до 2034 година.

Во 2025 година, здружението брои 50 активни членови, кои заеднички одгледуваат:

• околу 9.900 овци од расата овчеполска праменка,

• околу 200 каракачански овци, и

• 150 шарпланински овци.

Важно е да се напомене дека и за каракачанската и шарпланинската праменка се изготвени и одобрени десетгодишни одгледувачки програми.

Здружението го носи статусот призната одгледувачка организација за сите наведени автохтони раси на овци и претставува важен чинител во зачувувањето на биодиверзитетот и традицијата во македонското овчарство.