Шарпланинска Праменка

Шарпланинската овца се одгледува на територијата на Р Северна Македонија, најзастапена е во планинските предели на Шар Планина, Бистра, Кораб и други планини во западна Македонија. Името го добива по планинскиот масив Шар Планина, подрачје со најголема распространетост. По својата големина шарпланинската овца припаѓа меѓу малите и средно големите праменки. Висината на гребенот кај овните/овците е 63/55 cm, а живата маса е 44,2/32,3 kg. Според зоолошката класификација шарпланинската овца е претставник на кусо-oпашните овци и е потполно бела. Главата, ушите и нозете се обраснати со бели или валкано бели кратки покривни влакна. Главата е мала, машките грла имаат средно развиени рогови, додека овците се најчесто шути но можат да бидат и рогати.

Шарпланинската овца претставува популација овци со комбинирани производни својства (млеко, месо и волна). Просечната млечност изнесува 92,60 L (61 до 120 L), лактацискиот период трае 120 дена, а дневната млечност по грло изнесува 0,450 gr. Млечноста расте заклучно со третата лактација. Финоста на волната изнесува 37,58 µm, додека масата на руното кај овците/овните изнесува 1,6/1,3 kg. Процентот на близнење изнесува 3-5%. Јагнињата се раѓаат со породна маса од околу 3 kg кај обата пола. Тежината на 30 дена изнесува 8,3 kg на 30 дена, 12,3 kg на 60 дена, 15,9 kg на 90 дена, 18,9 kg на 120 дена и 22,2 kg на 150 дена (Ташковски, 1954).